Македонија
29. March 2024 - 12:21

Штипска фирма доби забрана за работа поради загадување

Основниот суд Штип пресуди глоба од 1750 евра за штипска фирма која произведуваше течно гориво од половни гуми во атарот на Пенуш. Одлуката ја објави Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање. Анализите покажале дека затекнатото течно гориво во бурињата е штетно за здравјето на луѓето и за животната средина, поради што правното лице е казнето со 1500 евра, а одговорното со 250 евра. Фирмата добила забрана за работа, а од пред еден месец е започната постапката за одземање на Б интегрираната дозвола. 

- Правното лице САНС АГ не работи уште од првите констатирани недостатоци кои што беа во 2021 година, во заедничкиот надзор со државниот инспекторат. Тогаш јас како овластен општински инспектор за животна средина му дадов забрана, изјави Тоше Георгиев, раководител на сектор за инспекциски работи – ЛС-Штип.

Проблем е што времетрањето на одземањето на Б дозволата е скоро идентично со периодот потребен истата да се добие.

- Искуство со одземање досега не сме имале како општина, но, за издавање, законскиот рок е од 90 до 120 денови. Значи, се надеваме дека во тој рок ќе биде завршен и процесот на одземање на дозволата,додаде Георгиев.

Бидејќи објектот е во близина на воениот полигон, војници на АРМ стационирани на Криволак, пред две години се пожалиле на здравствени проблеми, по што од Министерството за одбрана до државниот инспекторат за животна средина бил упатен допис за надзор врз фабриката за преработка на гуми.