Свет
29. January 2018 - 22:18

Штајнмаер: Сирија не е подготвена за масовно враќање на бегалците

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека е премногу рано масовно да се репатрираат сириски бегалци и дека меѓународната заедница ќе треба да продолжи да ги поддржува блискоисточните земји кои прифатиле милиони бегалци.

По средбата во Либан со либанскиот претседател Мишел Аун, Штајнмаер истакна дека во голем дел од Сирија сѐ уште нема соодветни услови за безбедно враќање на бегалците.

Во Либан, според податоците на ОН, живеат речиси еден милион сириски бегалци, што е еднакво на над една петтина од населението. Владата на Либан оцени дека е време бегалците да бидат репатрирани, откако Дамаск веќе контролира големи делови од Сирија.

Претходно денеска, Штајнмаер го посети германскиот контингент од околу 300 војници во воздухопловната база во североисточен Јордан. Германија врши разузнавачки мисии и пружа поддршка од воздух во Сирија и Ирак, каде Исламска држава до неодамна контролираше големи области.