Шест години од потонувањето на „Илинден“ во Охридското Езеро

Денеска се навршуваат шест години од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Капетанот Сотир Филески беше приведен уште на самиот ден на несреќата, при што му беше изречена мерка притвор што беше во сила се до правната разврска на случајот на 5 јули 2011 година, кога беше осуден на една година затвор. Олеснителна околност за Филески беше барањето на застапникот на бугарските државјани кои ја преживеаја несреќата за изрекување алтернативна, а не ефективна законска мерка за капетанот, со образложение дека сторил се што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот.
Основниот суд во Охрид каде од 28 февруари 2011 година се одвиваше судскиот процес за несреќата, во отсуство го осуди и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“ Бранко Баиќ, заради несовесно вршење на техничката исправност на бродот „Илинден“ изграден во 1924 година.
Семејствата на оштетените и загинатите патници од бродот „Илинден“ најавија дека своите оштетни побарувања против Република Македонија ќе ги истакнат во граѓанска постапка, што се уште не е случено.
Бугарските судски власти во посебна постапка со парична казна од 4.500 бугарски лева како и двегодишна забрана за туристичка дејност ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид, затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Две седмици по потонувањето, бродот „Илинден“ на 19 септември беше извлечен на површината на Охридското Езеро. Истиот ден бродот беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денеска, како нем сведок на трагедијата што однесе 15 човечки животи.
Ново на Сител
-

Неготинец пријавил измама од 280.000 денари
-

Цврсто сме определени да бидеме лидер во регионот со развојот на дата-центри, тоа е иднината на човештвото, вели Мицкоски
-

МНР: Две малолетни и едно полнолетно лице загинаа во сообраќајна несреќа во Словенија
-

MHERO официјално пристигна во Македонија: Oдржана премиерата на моќниот MHERO II 817
-

Во поплавите во Непал 475 жртви, 2.381 лице се водат како исчезнати од кои 644 се странци
-

УЕФА ќе го тужи Инфантино
-

Попладне наместа услови за нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
-

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Успение на Пресвета Богородица: Во време на премрежија ликот на Мајката Божја нѐ инспирира и храбри да истраеме на патот на доброто
