Свет
4. November 2022 - 8:56

Северна Кореја лансираше 80 артилериски проектили, Јужна Кореја подигна борбени авиони

Северна Кореја во текот на ноќта истрела околу 80 артилериски проектили во поморската погранична зона, соопшти денеска Јужна Кореја.

Северна Кореја вчера истрела повеќе проектили во морето, вклучително и можно неуспешно лансирање на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), што ги натера СAД и Јужна Кореја да ги обноват воздушните вежби што предизвикаа незадоволство и протест кај Пјонгјанг.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека регистрирала повеќе од 80 артилериски гранати истрелани во морето од страна на Северна Кореја, почнувајќи непосредно пред полноќ, а потоа и во текот на ноќта.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека подигнала борбени авиони откако открила околу 180 севернокорејски воени авиони што летале северно од воената граница повеќе од четири часа.
Севернокорејски авиони летале северно од таканаречената тактичка линија, повлечена на 20 километри северно од Воената демаркациона линија, објави во соопштението јужнокорејската војска.

Како одговор, Јужна Кореја лансираше 80 авиони, вклучително и стелт-ловци Ф-35А.

На состанокот во Вашингтон, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејскиот министер за одбрана Ли Јонг-суп, ја потврдија нивната посветеност да бараат нови мерки за двете земји, со цел да ја покажат „решителноста и способностите“ на алијансата, по повторените провокации на Северна Кореја, според заедничко соопштение.

Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемуваат откако Пјонгјанг изврши рекорден број ракетни лансирања оваа година, вклучувајќи најмалку 23 проектили само во средата и интерконтинентални балистички ракети во текот на вчерашниот ден.

Дипломатите објавија дека Вашингтон денеска побарал на отворена седница, Советот за безбедност на ОН да расправа за Северна Кореја, што го поддржале и некои други членки – Велика Британија, Франција, Албанија, Ирска и Норвешка.

Во последниве години, 15-члениот Совет за безбедност на ОН беше поделен околу Северна Кореја, а во мај, Кина и Русија ставија вето на напорите на САД да воведат дополнителни санкции на ОН како одговор на новите ракетни лансирања на Пјонгјанг.