Северна Кореја истрела уште две балистички ракети
Северна Кореја истрела две балистички ракети со краток дострел кон морето во близина на источниот брег, соопшти војската на Јужна Кореја.
Ова е четврто лансирање на Пјонгјанг за една недела, што ги подигна тензиите на Корејскиот Полуостров, каде што морнарицата на Јужна Кореја, САД и Јапонија вчера одржаа заеднички противподморнички вежби првпат од 2017 година и откако американската потпретседателка Камала Харис го посети регионот оваа недела.
Две ракети со краток дострел беа лансирани од Сунан, северно од Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, се наведува во соопштението на Генералштабот на армијата на Јужна Кореја.
Во соопштението се прецизира дека проценетиот дострел на ракетите бил 350 километри и дека летале на височина од 30 километри со брзина од шест маха.
Јапонската крајбрежна стража извести за најмалку два теста на Пјонгјанг за кои се сомнева дека се балистички ракети.
– Ракетите прелетаа 400 и 350 километри, достигнувајќи височина од 50 километри, изјави јапонскиот министер за одбрана Тоширо Ино.
Токио поднесе протестна нота до Пјонгјанг преку дипломатски канали, рече Ино, додавајќи дека ракетите најверојатно летале по „неправилна траекторија“ и биле дизајнирани да го избегнат ефектот на противвоздушната одбрана.
Американската индо-пацифичка команда соопшти дека е запознаена со лансирањето на балистичките ракети и оцени дека тие не претставуваат непосредна закана за американскиот воен персонал или територија или нивните сојузници.
Исто така, се наведува дека САД остануваат цврсто посветени на одбраната на Јапонија и Јужна Кореја.
Северна Кореја истрела проектили пред и по посетата на американската потпретседателка Камала Харис на Јужна Кореја, со што се зголеми веќе рекордниот број на тестови на оружје оваа година, а Пјонгјанг, исто така, го изврши првиот тест на интерконтинентална балистичка ракета оваа година од 2017 година.
По повод 74-годишнината од вооружените сили на Јужна Кореја, претседателот Џун Сук-Јол ги осуди, како што рече, неодамнешните воени провокации на Северна Кореја и вети дека ќе ги засили заедничките воени вежби со САД.
Специјалниот претставник на Јужна Кореја за мир и безбедност на Корејскиот Полуостров, Ким Гун, имал телефонски разговори со своите американски и јапонски колеги, во кои, како што рече, заеднички ги осудиле ракетните тестирања на Пјонгјанг.
Советот за безбедност на Обединетите нации воведе санкции кон Северна Кореја поради балистички ракети и нуклеарни тестови.
Пјонгјанг ги отфрла санкциите како кршење на нивното суверено право на самоодбрана и истражување на вселената.
Ново на Сител
-
МАЕИ и „Патриотското друштво“ поделија подароци и книги на македонски јазик за децата од неколку села во Пустец
-
Блумберг: Средба Трамп - Путин може да има веќе идната недела
-
Земјотрес со јачина од 5 степени регистриран во близина на Пелопонез
-
Поради магла намалена видливост до 30 метри од селото Лисец до Попова Шапка
-
Ердоган по средбата со Зеленски: Турција ќе биде идеалниот домаќин за можните разговори меѓу Русија, Украина и САД
-
Заканувачки пораки за Гаши
-
Владата го задолжила Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Коцевски
-
ОЈО Штип обезбеди докази за злоупотреба на службената положба и малтретирање во вршење на служба