Македонија
4. September 2024 - 16:33

Сериозна должничка криза во здравствениот сектор

Алармантни 5 милијарди денари е долгот на јавните здравствени установи. Не плаќале редовно сметки кон добавувачи за лекови, а од друга страна, медицински и економски директори си ги зголемувале платите со додадени дежурства, објави менаџментот на Фондот за здравствено осигурување. Најголеми должници се Онкологија, Торакална и Гинекологија. Болниците и клиниките успеале од почетокот на годината до јуни, долгот  од 65 милиони да го зголемат на 81 милиони евра.

-Дел од долгот е настанат зарди несоодветно финансисрање на потребите на соодветни клиники. На пример Клиниката за Онкологија каде што не биле буџетирани средства и за онаа програма што им е одобрена. Дел од долговите е заради дозволен хаос во финансиското работење на ЈЗУ со отсуство на контрола, вели Сашо Клековски, в.д. на Фонд за здравствено осигурување.

Сериозната должничка криза во здравствениот сектор може да направи проблеми во функционирањето. Клековски најави дека ќе објават план за санација бидејќи не е доволно само покривање на долговите туку и кој ги генерира. Од неговите досегашни обиколку вели дека увидел серозни пропусти за непланско и недомаќинско работење. На приемр во штипската болница нема магнетна, колоноскопија и гастроскопија ама затоа има акцелератор од 2 милини евра кој 10 години фаќа прашина. Во Струмица, пак, новиот дел на болницата 3 години не може да биде пуштен во употреба.

-Не се довршени работите, меѓудругото, затоа што болницата со трафостаницата е поврзана со несоодветен кабел што ЕВН одбива да го прими во употреба и да ја поврзе болницата на енергеската мрежа. 3 години статус кво, вели Клековски.

Менаџментот на Фондот вели дека затекнале нерешени барања за ин витро, нефункционални лекарски комисии и нерешавани проблеми кај матични, во болниците и клиниките.