Се зголемува економската соработка помеѓу општината Тире од Турција и општина Прилеп
Се зголемува економската соработка помеѓу бизнис секторот во Измир, Република Турција, Општина Тире и Општина Прилеп. Поголема бизнис делегација неколку денови ќе биде во Прилеп за да се запознае со можностите каде и како може да се инвестира во прилепската економија.
„Заинтересирани за инвестиции, ги гледаат даночните поволности во нашата држава, ги гледаат можностите каде што можат да инвестираат, инфраструктура, така што сметаме дека ќе донесеме некоја инвестиција во Прилеп“, рече Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
„Како Комора првиот чекор ни беа даноците, гледаме дека даноците многу ви се ниски, многу имаме очекувања од тоа. Гледаме различни бизниси, но и исти што ги имаме во нашиот град. Јас сум претседател на комора која има 2800 бизниси“, додаде Мехмет Надир Диликанли, претседател на Стопанската комора на Тире.
„Прилеп, Битола, Новаци, сите се различни, ако се во пелагонискиот регион, сепак различни бизниси имаат, различни богатства имаат и нашите бизнисмени мора самите да се решат каде сакаат да инвестираат“, кажа Метин Акдаш, претседател на индустриската зона во Тире.
Инаку ова е повратна посета. Претходно нашите бизнисмени заедно со претставници на општината беа во посета на Измир.
„Како Општина Прилеп имаме можност да им понудиме да пројават интерес, како за размена на сите стопански дејности, така и отворање на нови инвестиции, нови фабрики во нашата индустриска зона и во комплексот на општина Прилеп“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Не се надевам, сметам дека како 2 општини кои се побратимивме, сега ние ќе имаме состанок со моите бизнисмени и ќе ги терам тука да инвестираат“, вели Хајати Окуроглу, градоначалник на општина Тире.
Заменик министерот за економија се надева дека за брзо време овие посети ќе вродат со плод и дека во Прилеп наскоро ќе има голема турска инвестиција.
„Се надевам дека за брзо време ќе ставиме камен темелник на една фабрика од овој регион, тука во околината, а од друга страна се надевам дека во Измир ќе биде отворена и трговска канцеларија за врски на бизнисите од овој дел, пелагонискиот дел на Република Македонија, но и од околината на Измир, вклучувајќи го и градот Тире“, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија.
Општините Тире и Прилеп се збратимени од 2010 година.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар