Македонија
5. September 2019 - 10:59

Реконструирани санитарните јазли во ООУ „Јоаким Крчовски” Крива Паланка

Со средства во висина од околу четири милиони денари обезбедени од Министерството за образование и наука во основното општинско училиште Јоаким Крчовски од Крива Паланка е извршена комплетна реконструкција на сите санитарни јазли во матичното училиште.

 – Извршена е  комплетна реконструкција на санитарни јазли со отстранување на досегашната доводна и одводна инсталација. Ова е прва ваква инвестиција по повеќе од 50 години откако е изградено училиштето. Вградени се шољи со казанчиња, писоари, лавабоа вградени во водоотпорни и огноотпорни плотни, 40 ПВЦ- врати исполнети со ПВЦ панел, 12 радијатори со нова мрежа за парно греење како и 900 метри квадратни ѕидни и подни плочки. Прв пат е поставена хидрантска мрежа на секој кат, која иако е задолжителна, досега не беше поставена, изјави директорот на ООУ „Јоаким Крчовски”, Дане Петровски.
 
Висината на инвестицијата е 4.149.677 денари, а  реализацијата на градежните зафати е во согласност со програмата за оддржување на училишните објекти со средства обезбедени од Министерството за образование.
 
– Општина Крива Паланка работи на подобрување на безбедноста на училиштата и на условите за претстој на учениците и вработените во овие институции, a наредната планирана активност за ова училиште е целосна реконструкција на фасадата со поставување термо изолација за енергетска ефикасност на објектот, додаде Петровски.