Македонија
28. April 2017 - 17:11

Реакции на политички партии и иницијативата ,,За заедничка Македонија‘‘

Цели 60 дена ги уверувавме истомислениците кои демонстрираа заедно со нас дека мирниот начин е единствениот пат кој ќе вроди со плод. Но, додека зад бината на Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија се спремаше културно уметничка програма , во собранието почна планот за разнебитување на Македонија. Тогаш се случи точно тоа од што се плашевме, трпението на луѓето попушти под серијата понижувачки провокации, соопштуваат организаторите на протестот.

Хаосот кој следеше не можеше да се контролира, сите обиди за разумно однесување резултираа со гневни реакции, се обидов да застанам меѓу полицијата и најгневните, ме тргаа и туркаа, младо момче бесно ми се внесе в лице викајќи " тргни се од тука, татко ми го убија 2001!". Ме исфрлија на страна, мирот не беше нивен пат и начин. Мирот не беше ни пат ни начин на пратениците кои го извршија државниот удар, напиша на својот фб профил Борис Дамовски.

Како народот падна на една смислена провокација, запраша поранешната пратеничка Солза Грчева. Таа смета дека случувањата во Собранието се сценарио на алчни и уценети политичари.

Од ГРОМ сметаат дека Македонија се наоѓа во најголемата политичка и безбедносна криза  од своето постоење. Го осудуваат тепањето на пратениците и говорот на омраза на одделни пратеници кои не водат сметка дека со нивните екстремни ставови ги подгреваат емоциите кај граѓаните.

Тие ги повикаа македонските граѓани од сите етнички заедници да бидат мудри и достоинствени, да не влегуваат во конфронтации и насилства, затоа што таквите инциденти само помагаат кон остварување на црното сценарио за РМ.