Свет
6. February 2025 - 14:16

Разрешен шефот на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Јуриј Борисов

Кремљ денеска го разреши шефот на руската вселенска агенција, Јуриј Борисов, кој беше на оваа позиција помалку од три години, а неговиот мандат беше обележан со спектакуларниот неуспех на првата руска мисија на Месечината по 47 години.

Во соопштението на Кремљ се наведува дека Борисов, кој беше на чело на агенцијата Роскосмос од јули 2022 година, е заменет од Дмитриј Баканов, заменик-министер за транспорт којпред да влезе во владата раководел со сателитската компанија „Гонец“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Кремљ нема поплаки против Борисов и дека неговото разрешување е „ротација“.

-Оваа корпорација мора динамично да се развива, затоа има ротација, рече Песков.

Откако советскиот космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек во вселената во 1961 година, Русија е позната како водечка сила во истражувањето на вселената.

Но, нејзините амбиции претрпеа голем удар во август 2023 година кога руската мисија без екипаж „Луна-23“ се удри од површината на Месечината додека се обидуваше да слета.

И покрај неуспехот, Борисов претстави амбициозни планови за наредните години додека Русија се подготвува да лансира сопствена вселенска станица.

Новиот проект треба да ја замени старата Меѓународна вселенска станица (МВС), каде Русија тесно соработува со САД, дури и откако нивните односи се критично влошени поради војната во Украина.

Минатата година Борисов одобри временска рамка според која првите два модула на новата руска станица ќе бидат лансирани во 2027 година.

Русија соопшти дека има намера да одржи постојано присуство на екипажот во вселената и да спроведе научни, економски и безбедносни проекти кои не се можни во рускиот дел на МВС.

Светските сили се натпреваруваат не само за истражување на вселената, туку и за потенцијално распоредување оружје во неа.

Како што се приближува 2026 година, кога истекува последниот договор меѓу Русија и САД за ограничување на бројот на нивните нуклеарни оружја, двете земји меѓусебно се обвинуваат за планови за трка во вселенско вооружување.