Раде Трајковски-Штекли осуден на осум години затвор
Осум години затвор доби Раде Трајковски Штекли, како шеф на безимената нарко група која во Скопје продаваше кокаин и марихуана, а според обвинителството се занимавала со нелегалната продажба од 2024 до 2025 година.
Неговите соработници, останатите четворица обвинети, кои биле под него и примале наредби каде и како да се препродава дрогата, добија по пет години затвор, а еден од нив три години и 10 месеци.
Одредувајќи им ги казните затвор, судијата ги зема предвид последиците при здравјето кај луѓето од дрогата што нелегално ја продавале, општествената опасност од брзата и лесна заработувачка, но и тоа што и претходно сите биле осудувани, но никој не си ја научил лекцијата.
Одбраната на Раде Трајковски која низ целиот судски процес тврдеше тој не разбира за што е обвинет, дека психичката состојба му е нарушена, имал халуцинации, имал и имагинарен учител, го следела албанската мафија но и дека во претходниот живот бил желка, денеска побара да му биде заменет ефективниот притвор со куќен, поради психичката состојба. Судот како за Штекли, ги одби барањата за куќен притвор и за другите, сега веќе осудени. Адвокатот на Трајковски кажа дека низ текот на натамошната постапка ќе се произнесат дали тој треба да остане во затвор или во друга установа поради нарушената психа.
Од Обвинителството велат, откако детално ќе ја прочитаат пресудата ќе се произнедат дали ќе се жалат за одредените казни затвор.
Во нарко групата на Штекли беа опфатени 16 лица, од кои седум се спогодија со обвинителството и добија затворски казни до 3ипол години, а четворица признаа вина и постапката за нив беше раздвоена.
Дрогата која ја продавале се чувала во изнајмени станови, а се продавала од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 и 300 денари за грам марихуана.
Раде Трајковски Штекли стана препознатливо име во јавноста од скопското подземје, како лице што преживеа повеќе обиди за ликвидавија. Два пати во него беше пукано во трговскиот центар Ист гејт, а при еден напад беше ранет, додека третиот пат му беше поставена експлозивна направа во дворот од семејниот дом.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
