Свет
16. јуни 2021 - 18:50

Путин по средбата со Бајден: Разговорите не беа непријателски, туку конструктивни

Рускиот претседател Владимир Путин денешните разговори со неговиот американски колега Џо Бајден ги оквалификува како „контруктивни“. Тој рече дека разговорите не биле непријателски, туку всушност биле прилично конструктивни, при што обете страни покажале подготвеност меѓусебно да се разберат.

Тој го опиша Бајден како искусен државник. – Два часа разговаравме, тоа е нешто што не можете да го направите со повеќето политичари. Тој значително се разликува од поранешниот претседател (Доналд) Трамп, оцени Путин.

Путин изјави дека се договориле со американскиот претседател за враќање на амбасадорите. За потсетување, рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов и американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан се повлечени во своите матични земји во последните месеци поради зголемените тензии меѓу САД и Русија.

Во разговорите е разгледувана и стратегија за нуклеарна стабилност, регионалните конфликти како и трговски прашања.

Русија и САД, според Путин, се договориле за почеток на консултации за кибер-безбедноста.

Рускиот претседател рече и дека на средбата едвај станало збор за опозиционерот Алексеј Навални, кој е во затвор, при што воопшто не му изговори името, туку на него посочи како на „тој човек“. Обвинувајќи го Навални за намерно кршење на законот, Путин рече: Го направи она што сакаше да го направи.