Балкан
26. May 2016 - 10:12

Путин: Грција е важен партнер на Русија во Европа

Грција денес е важен партнер на Русија во Европа, со неа водиме динамичен политички дијалог на повеќе нивоа и во таа смисла и на највисокото, истакна рускиот претседател Владимир Путин во статија за грчкиот весник „Катимерини“.

Статијата e објавена по повод претстојната посета на Путин на Грција, утре на 27 мај. 

Рускиот претседател нагласи дека натамошното продлабочување на соработката и динамиката на билатералната трговска размена со Грција било под влијание на односите меѓу Русија и ЕУ и оти загубите од тоа биле особено тешки за грчките производители на земјоделски производи.

Русија може да придонесе за рехабилитација на грчката инфраструктура во сферата на транспортот, посочи Путин. 

Тој се осврна на можностите за натамошен развој на партнерските односи меѓу Русија и Грција, како и на ситуациата во целиот европски континент.

- Ја почитувам вековната традиција на пријателство меѓу нашите народи. Заедничките културни вредности, православната култура и искрената взаемна симпатија се здрави основи на нашата соработка, пишува рускиот претседател.

Тој нагласи дека оваа година особено важно за двете земји е планираното одбележување на илјадагодишното присуство на руски монаси на Света Гора.

Путин исто така ја потенцира клучната улога, која Русија ја одиграла во извојувањето на независноста на Грција.

Руската поддршка на национално-ослободителната борба на Грците во голем степен ја определи насоката за натамошен развој на билатералните односи.

- Русија ја согледува неопходноста за изградба на рамноправен и вистински партнерски дијалог со ЕУ во најширок круг прашања, кој ќе почне од укинување на визниот режим до формирање енергетска унија. Русија и ЕУ стигнаа веќе на една крстосница, на која треба да се да даде одговор на прашањето: „Како ја гледаме иднината на односите и по кој пат да тргнеме“. Јас сум уверен дека од случувањата во Украина треба да се извелече заклучок и да почне изградба од Атлантикот до Тихиот Океан на една зона за економска и хуманитарна соработка врз база на архитектура на рамноправна и неделива безбедност. Важен чекор во таа насока би било хармонизирањето на процедурите на европската и евроазиската интеграција, напиша Путин.

Според него ова станува се понеопходно поради фактот дека Европа денес е соочена со растечката конкуренција од другите центри за влијание во современиот свет.

Тој додаде дека за да може стариот континент да го добие заслуженото место во новата меѓународна реалност, потребно е да се обединат силите на сите европски земји, а во таа смисла и на Русија. 

- Важен аспект во таа насока се и руско-грчките односи во различни сфери, пишува рускиот претседател, при што акцент става особено на значењето на енергетскиот сектор.

- Ние сме цврсто приврзани кон диверзификацијата на коридорите за пренос на енергија, што ќе ја зголеми стабилноста на доставките и воопшто енергетската безбедност на Европа во целина, додаде тој.

Путин нагласи дека прашањето за јужните енергетски коридори кон земјите од ЕУ останува на дневен ред и покрај тоа што Москва била принудена да го запре проектот „Јужен поток“.

Тој потсети дека во февруари во Рим директорите на „Газпром“, на италијанската „Едисон“ и на грчката „ДЕПА“ потпишале меморандум за разбирање за пренос на руски природен гас до дното на Црното Море и преку трети земји до Грција и Италија.