Loading Video...
Македонија
9. May 2024 - 19:50

Први реакции од Бугарија и Грција по победата на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова

Победата на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Гордана Силјановска Давкова привлече големо внимание во регионот и Европа. Пристигнаа првите честитки, но и очекувања и анализи.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, упатувајќи честитка вели „со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Силјановска-Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори“.

Идентична порака испрати и амбасадор на Европската Унија, Гир, кој исто така, очекува тесна соработка со неа за европската иднина на земјата.

Честитка пристигна и од американската амбасадорка Агелер.

„Срдечни честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот историски избор за прва жена претседател на Северна Македонија. Честитки и за сите оние граѓани кои вчера го искористија своето избирачко право на претседателски и парламентарни избори. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги поддржуваат вашите цели за безбедност, просперитет и целосна евроатлантска интеграција на оваа земја“.

Изборната победа ја честитаа и српскиот претседател Вучиќ, хрватскиот премиер Пленковиќ, унгарскиот премиер Орбан...

Резултатот од изборите со внимание се следи и во Бугарија и Грција.

Бугарскиот претседател Радев, наместо честитка, потенцираше дека многу брзо ќе станело јасно дали новиот претседател и партијата ќе работеле за европската перспектива на земјата или ќе заземеле друг правец.

„Отсекогаш сум ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, но со почитување на принципите на добрососедство и пред сè врз Копенхашките критериуми за членство, што би значело промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари“ – Румен Радев, претседател на Бугарија

Грчки Катимерини, пак, наведува дека Атина ја чека заклетвата на Силјановска-Давкова за да види како ќе ја нарече државата.

„Можно е Мицкоски, во зашеметување на победата, како и Силјановска, во првите изјави да го слават обичното име „Македонија“, без „Северна“ што е пропишано со Уставот. Сепак, тие знаат дека, барем на официјално ниво, Атина не прифаќа неупотреба на уставното име Северна Македонија, ниту на внатрешен план и им е кажано дека грчката влада ќе реагира на начин што нема да биде во интерес на новото раководство во Скопје“, стои во објавата.

Вчерашните избори се најдоа на насловната страница на Би-Би-Си на српски.

Во нивната анализа пишува дека „во последните години земјата ја тресат корупциски скандали, политички превирања и бавен економски раст“.

Радио телевизија Србија во текст со наслов „Северна Македонија – нова влада, прва претседателка“ пишува дека „резултатите од изборите во Северна Македонија, иако очекувани, претставуваат драматичен политички пресврт во споредба со ситуацијата пред осум години“.

„Како што минуваа годините, социјалдемократите полека се фатија во мрежата на корупцијата, додека евроатлантската интеграција, благодарение на прво грчките, а потоа и бугарските притисоци, остана заглавена некаде помеѓу Скопје и Брисел“, меѓудругото пишува РТС.