Прва изложба на Дејмиен Хрст во Македонија
Изложба на британскиот уметник Дејмиен Хрст насловена „Нова религија“ ќе биде отворена вечер во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.
Претставувањето на Хрст, кој важи за еден од највлијателните најиновативни и најуспешни светски уметници, во Музејот на современата уметност во Скопје е реализирано во соработка на Британскиот совет, галеријата „Пол Столпер“ од Лондон и Министерството за култура на Рeпублика Македонија и претставува прво гостување на овој уметник во Македонија.
Со изложбата Британскиот совет одбележува 20 години дејност во Македонија, и е трета голема изложба што ја организираат заедно со МСУ во последните четири години.
На отворањето ќе се обратат британски амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, регионалниот директор во Британскиот совет Енди Вилијамс и директорот на Музејот на современата уметност Лазе Трипков.
Куратор на изложбата е Пол Столпер, а постановка првпат е изложена во неговата галерија во Лондон во 2005 година. Хрст почнал да работи на неа во 2004 година и била осмислена како збирка графики, но подоцна ја надополнил со нови дела и техники.
- Размислувам дека во животот има четири важни работи: религија, љубов, уметност и наука... Од сите нив науката се чини дека е онаа која во моментов е најактуелна. Исто како и религијата, таа дава некаква надеж дека на крајот, можеби, сè ќе биде како што треба, напишал Хртс во 2006 година за „Нова религија“.
Ендрју Вилсон, постар кустос во британскиот Тејт музеј во освртот кон оваа изложба нагласува дека проектот на Хрст се заснова на верувањето кое е централна теми во неговата уметничка кариера.
- Четириесет и четирите графики изработени во ситопечат техника и четирите скулптури кои ја сочинуваат „Нова религија“ функционираат како циклус фрески – почнувајќи од Создавањето на светот, преку патот на Крстот, па сè до Последниот суд – кои заокружуваат едно уметничко дело на олтарот на кој е поставен крст направен од кедар исполнет со апчиња кои наликуваат на скапоцени камења, череп на дете и срце завиткано во бодликава жица и избодено со сребрени игли и жилети – сето тоа изведено во сребро, заедно со големо апче направено од парче мермер. Оваа масичка со сите овие предмети е опкружена со циклус графики кои ја потврдуваат визијата на Хрст како брак помеѓу светото и профаното, вели Вилсон.
Дејмиен Хрст е еден најпознатите уметници на светот и истакнат член на групата позната како Млади британски уметници (Young British Artists - YBAs) која доминираше со уметничката сцена на Велика Британија во текот на 90-те години. Роден е во Бристол. Студирал на Jacob Kramer College of Art, Leeds (1983 – 1985 година) и на Goldsmiths College, University of London (1986 - 1989). Идеен творец е на групната изложба наречена „Freeze“ во 1987 година и исто така се јавува во улога на нејзин кустос. Генерално се смета дека оваа изложба ги отворила вратите не само на Хрст, туку и на цела една генерација британски визуелни уметници.
Од крајот на осумдесеттите години, Хрст користи разни комбинации инсталации, скулптури, слики и цртежи за да ги истражува сложените односи помеѓу уметноста, животот и смртта. Низ своите дела тој ги истражува современите системи на верување и им поставува предизвици, при што ги сецира неизвесностите во срцето на човековото искуство. Од 1987 година досега низ целиот свет се прикажани повеќе од 80 самостојни изложби на Дејмиен Хрст, а неговите дела беа составен дел на повеќе од 260 групни изложби. Хрст е добитник на Тарнеровата награда во 1995 година.
Изложбата „Нова религија“ ќе биде отворена до 11 август. Досега има гостувано во повеќе земји во Европа и регионот.
Ново на Сител
-
19 годишник со „сеат алтеа“ удрил во женско лице кое починало на лице место
-
На 20-та собраниска седница, изгласани неколку предлог-закони во прво читање
-
Утре ќе биде нормализиран сообраќајот во Скопје
-
Приведени пет лица во Тетово - Одземени 450 грама марихуана | ФОТО
-
Сообраќајот се одвива непречено по наместа влажни коловози
-
Редовните претседателски избори во Хрватска ќе се одржат на 29 декември
-
Премиерот Мицкоски утре во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Вучиќ и премиерот Вучевиќ
-
Кривична за тетовчанец - го продал возилото кое му било дадено како компензација за изработка на мебел