Прв академски час на УГД - обpаќање на премиерот до бруцошите
Новата академска година за бруцошите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип започна со пораки за знаењето, иднината и односот кон својата земја. Во обраќањето пред студентите, премиерот Христијан Мицкоски се наврати на сопственото студентско искуство и на годините поминати во различни европски средини.
- Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитувам и моите два сина, Јован и Антониј — да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но на крајот, да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
На професорите им порача дека нивната улога не завршува со пренесувањето на академското знаење, туку дека имаат одговорност да бидат пример за младите кои го започнуваат својот пат.
- Да го пренесете ваштето знаење на овие прекрасни млади луѓе, а од тоа знаење кое што вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сè она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот. Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат. Имајќи ја најубавата работа на светот, тоа треба да ви биде чест, но и одговорност, бидејќи ретко кој има таква одговорност и можност во животот, додаде Мицкоски.
Мицкоски им посака на бруцошите успешно студирање и порача дека стекнатото знаење треба да го искористат за својата иднина и за развојот на земјата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
