Македонија
18. August 2017 - 16:28

Протестираа жителите на Порој поради несанираните поседици од поплавите

Со предупредувачка блокада од половина час на регионалниот пат Тетово - Јажинце кај мостот под селото, жителите на Порој го изразија својот револт од се уште несанираните поседиците од поплавите за што, според нив, се одговорни централната и локалната власт.

Според претседателот на месната заедница Сулејман Рамадани, моменталната состојба е многу поопасна отколку пред поплавите бидејќи во горниот тек од Поројска река има големи камења и наноси од земја така што при секој поголем дожд тоа може да ги загрози жителите на Порој и соседното село Џепчиште.

- Ако се случи такво нешто како што беше поплавата во јуни, нема да има само материјални штети, туку ќе има и човечки жртви. Иако претставници од локалната и централната власт и пред медиумите ветија дека ќе преземат мерки за чистење на користото од реката и долготрајни мерки за спречување можни поплави во иднина, коритото освен нешто малку околу мостот од регионалниот пат Тетово - Јажинце не е исчистено, а да не зборуваме за долготрајни мерки, изјави Рамадани.

Според него, и исплатата на оштетените земјоделски површини не е почната. - Не бараме милост, туку надлежните да ги завршат работите што ги ветија, потенцира Рамадани.

Жителот на Порој Садри Беадини кој е поранешен претседател на месната заедница посочи дека револтот доаѓа бидејќи властите не презеле мерки за санирање на последиците не само на поплавите од оваа, туку и од минатите години.

Ако локалната и централната власт не преземат соодветни мерки, жителите на Порој, како што најавија, ќе продолжат со изразување незадоволство.

За време на протестот, полициски службеници на СВР Тетово презедоа мерки и активности за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот преку нивно непосредно присуство на и околу местото на блокадата и со пренасочување. 

Иако беше најавено дека блокадата ќе трае 30 минути, од 14 часот до 14 часот и 30 минути, жителите на Порој ја ослободија сообраќајницата по околу 20 минути.