Македонија
3. December 2024 - 18:03

Протест против загадениот воздух идниот вторник во Скопје

По врнежите кои го расчистија воздухот викендот, од синоќа во Скопје повторно тешко се дише. Главниот град и попладнево е меѓу најзагадените во Европа и на врвот на светската непопуларна листа.

За да се спречат големиот број смртни случаи во Македонија како последица на аерозагадувањето и надлежните да преземат итни и среднорочни мерки од граѓанската иницијатива “Зелен хуман град“ за идниот вторник најавуваат протест по скопските централни улици. Според нив целта е  уште еднаш да алармираат како да се заштити населението од опасниот воздух.

- Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем, изјави Горјан Јовановски, еко активист од “Зелен хуман град“.

Протестот е закажан за вторник 10 декември во 16 часот пред министерството за животна средина, потоа присутните ќе се упатат кон собрание, а ќе завршат пред Влада.