Македонија
14. January 2016 - 12:06

Продолжува проектот „Фондот поблиску до пензионерите”

Проектот „Фондот поблиску до пензионерите“ ќе продолжи да се спроведува и годинава во 30 градови, каде Фондот за здравствено осигурување на Македонија има подрачни служби, а Сојузот на пензионери има свои здруженија. Во овој проект трет партнер со којшто соработуваат ФЗОМ и Сојузот на пензионери на Македонија е Црвениот Крст на Македонија.

Од Фондот соопштија дека имаат одлична соработка со Сојузот на пензионери на Македонија и на взаемно задоволство заеднички било утврдено дека поради големиот интерес од страна на пензионерите за едукативни работилници, годинава ќе реализира нов – трет циклус на теми кои се од посебен интерес на пензионерите.

Во 2014 година одржани се 15 работилници, минатата година одржани се 32 работилници на територијата на цела држава. На овие работилници, тим од правници и лекари од ФЗОМ имаат свои презентации пред пензионерите на договорени теми, со посебно одвоено време за прашања од пензионерите.

Новиот циклус работилници посебен осврт ќе има за специјализираната медицинска рехабилитација и рефундациите кои се едукација за определени здравствени проекти и услуги кои ги финансира ФЗОМ, но и други теми што се од интерес за оваа категорија на осигуреници.

Овие едукативни работилници, истакнуваат од Фондот, имаат за цел да го зголемат нивото на информираност на пензионерите за своите права од здравствено осигурување како и за другите прашања кои се од интерес на оваа популација.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија како финансиска институција од јавен интерес во здравствениот систем на Република Македонија продолжува со својата отворена и конструктивна соработка со сите субјекти во здравствениот систем, во рамки на своите надлежности и согласно законските прописи. Важен чинител во здравствениот систем се здруженијата на граѓани, а посебно место има Сојузот на пензионери на Македонија, стои во соопштението.