Балкан
30. March 2024 - 9:19

Продолжува потрагата по Данкa, се уште нема траги

Петти ден продолжува потрагата по двегодишната Данка Илиќ која исчезна во вторникот во Бањско Поље кај Бор. Полициски патроли се уште го обезбедуваат дворот од кој исчезна девојчето.

По четири дена потрага се уште нема траги од неа. Претходните денови беа претресени 10 квадратни километри околу куќата пред која исчезна девојчето, во потрагата учествуваат повеќе од 500 полицајци, спасувачи и доброволци, а претресен е и каналот под куќата што води до рудникот.

Специјалистички екипи на МУП извршија претрес на тунелот, подземните канали и шахтите. Оперативната истрага продолжува.

Таткото на исчезнатото девојче бил прегледан на полиграф и го положил полиграфскиот тест, а мајката на девојчето не може да се прегледа на полиграф бидејќи е бремена.

Вчера, на четвртиот ден од потрагата, на терен беа и две специјалистички спасувачки екипи, кои темелно го пребараа просторот околу куќата каде последен пат беше видено двегодишното девојче.

Во Босна и Херцеговина по налог на Интерпол Белград се уапсени три лица, кои се сомничат дека преку ТикТок објавиле дека се поврзани со исчезнувањето на девојчето.

Полицијата ја идентификуваше IP адресата на корисникот на сметката од територијата на Босна и Херцеговина кој во живо на Тик Ток изјавил дека девојката била во неговиот подрум.

Врз основа на тие информации, Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина ги уапсила Б.Т.(22), М.Т.(23) и З.Т.(52), извршила претрес и утврдила дека информациите дадени од осомничениот се лажни.

Двегодишната Данка Илиќ исчезна во вторникот околу 13 часот и 45 минути, а во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони, јакна во маслинесто зелена боја, а косата и била врзана во опавче. Девојчето има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри.

Поради нејзиното исчезнување, за првпат во Србија е активиран системот „Најди ме“.