Македонија
5. August 2024 - 12:49

Продолжи комисиската амандманска расправа за ребалансот на Буџетот

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. На почетокот од седницата беше повлечен амандман поднесен од пратениците Јованка Тренчевска, Сања Лукаревска и Оливер Спасовски, а беше одбиен и амандманот над Европски фронт со кој се бараа 60 милиони денари за изградба на спортска сала во основното училиште во село Боговиње.

Како што објасни Арбана Пашоли од ДУИ, во школото во Боговиње е неопходна спортска сала  зашто сегашните услови таму, не дозволуваат реализирање на часовите по физичко образование.

-Ова е најстаро училиште во Полошкиот регон. Стариот објект порано имаше сала, но со изградба на новиот, нема соодветна сала за физички активности. Овој проект е многу значаен за подобрување на физичкиот развој и образованието на децата. Школото има 36 училници и треба да има елементарни услови за спорт, истакна Пашоли.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски не го прифати амандманот со објаснување дека спортските сали се градат по годишна Програма што ја изготвува МОН.

-Таква Програма има и сега, во 2024 година. Жалам што не се вклучени трите спортски сали што се бараат на денешната комисија, но од наредната година ќе напрваиме напори да обезбедиме средства, рече  Јанкуловски.

Во тек е расправа за амандман со кој, исто така, се бара изградба на спортска сала, но во Рашче, со над 40 милиони денари. Заменик-министерот рече дека и овој амандман се отфрла со истото образложение како за претходниот. 

Со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.

Согласно Деловникот, амандманската расправа, која денеска се одвива петти ден, треба да заврши за шест дена. За ребалансот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите, а ниту еден не е прифатен.