Македонија
29. јуни 2026 - 19:56

Прилепскиот општински штаб за заштита и спасување активно се подготвува за сезоната на пожари

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Прилеп започна со подготвителните мерки и состаноци за тоа кои акции би се преземале доколку во иднина се појават пожари на територијата на општината. Строго е забрането и ригорозно ќе се казнува палење на стриништа, диви депонии или друг материјали на отворено. Казните се движат и по неколку илјади евра. 

„Критичните точки се тоа што имаме многу висока и бујна вегетација, многу високи температури и многу ниска влажност на воздухот,  што претставува потенцијал и првиот показател за појава на пожари на отворен простор. Забрането е палење на стрништа, треви и меѓи во ловишта, а кај нас цела Пелагонија е ловиште на прелетен дивеч. При употребата на комбајните, комбајнерите треба да си ги опремат комбајните со потребната опрема за заштита и гасење на пожар“, вели Јован Аврамоски, инспектор за заштита и спасување во ДЗС.

Ќе се казнува шетањето во шума без дозвола од 1 јули до 31 август секој кој сака да го прави ова мора да извади специјална дозвола од подружницата „Црн бор“ на Македонски шуми.

„Мора да се напомене, луѓето кои вадат дозвола за собирање на други шумски производи е друга дозвола која важи во текот на целата година, но во овој период и тие луѓе кои имаат дозвола за собирање на други шумски производи должни се да дојдат и да извадат дозвола за одобрение за движење во шума. Ова мора да го напоменам, за овие барања треба да поднесат и фирми од аспект на рударство, туристички агенции и тур оператори кои своите тури ги предлагаат за одење по разни манастири и излетнички места во околина на општина Прилеп“, кажа Пецо Јовески, раководител на прилепската подружница „Црн Бор“ на ЈП Национални шуми.

И од ТППЕ Прилеп повикуваат да се преземат превентивни мерки, особен кај планинските манастири, а од општината веќе подготвувале екипа која во секој момент ќе биде подготвена да излезе на терен како помош на пожарникарите.

„Од поглед на превентива, најчесто манастирските комплекси во планините и во атарот на некои села исто така превентивно да се исчистат од трева, да се направат заштитни појаси“, додаде Виктор Стојчески командир на ТППЕ Прилеп.

„Обврзани сме по Законот за заштита и спасување да имаме универзална екипа составена во моментот од 52 лица, поголемиот дел од нив се обучени, а еден дел кои не се обучени треба да поминат еднодневна обука која ќе ги направи компетентни за да учествуваат во гасење на пожари во иднина“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Со дел од македонската дијаспора било разговарано за донација на опрема за гаснење на пожари на отворено во Прилеп, која би можела и наскоро да се реализира.