Прилеп ќе добие Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење
Преку проект финансиран од Светска банка, а релизиран преку Министерството за труд Прилеп ќе добие Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење, во старата зграда на месната заедница „Рид“. Капацитетот на установата ќе биде 48 лица, кои тука ќе доаѓаат во 2 смени, поминувајќи тука по максимум 4 часови дневно, под надзор на 4 стручни лица.
„Горди сме што со воспоставување на овој Центар, со капацитет за 48 лица, Прилеп го зајакнува пристапот до социјална заштита и демонстрира вистинска грижа за своите граѓани. Овој Центар е симбол на меѓугенерациска солидарност и потврда дека за нас, секоја категорија на граѓани заслужува достоинствен живот“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење претставува значаен чекор во насока на градење хумано, инклузивно и грижливо општество. Овој проект е заеднички на Општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, а давател на услугите ќе биде Центарот за развој и едукација Прилеп.
„Постари граѓани да можат секојдневно да користат услуги на социјализација, здравствена поддршка, а воедно и услуги за едукативни и културни услуги што ќе бидат дадени од професионален кадар кој ќе биде вработен во дневниот центар. Вкупната сума на проектот е околу 2 милиони денари, тоа се трошоци кои ќе се користат само за воспоставување на услугата, односно реконструкција и опремување на просторот, а останатиот износ од 5 милиони денари се трошоци кои се наменети за вработување на 4 лица и за тековни режиски трошоци и трошоци за потребни материјали за одржување на тековните активности планирани согласно програмата за активно стареење на нашите корисници“, вели Марина Тошеска, Центар за развој и едукација Прилеп.
Се очекува од објектот да биде реновиран во најбрз можен рок во периодот кој следува и од 1 јануари 2026 година да започне со работа.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар