Македонија
29. September 2016 - 9:11

Презентација на согледувањата за состојбата со фрлањето храна

Во рамки на проектот “Храната за гладните, а не на депонија“ денеска ќе бидат презентирани резултатите за согледување на состојбата со фрлањето храна од производствените капацитети, маркетите, дистрибутивните ланци – субјекти и угостителските објекти во Република Македонија, како и искуството од Франција, со презентација на првиот претставник кој успеа да го поттикне и донесе Законот за не фрлање храна од маркетите во нивната земја,

Резултатите, според организаторите „Храна за сите-Банка за храна Македонија“, покажуваат дека илјадници тони храна, која е добра за консумирање, секоја година завршува на депонија. Овошје и зеленчук што стоеле неколку денови, но не се расипани, млеко и месо со нивните преработки, кои се пред истекот на рокот, леб и печива, слатки, и друга пакувана храна секојдневно се исфрлаат од македонските маркети и ресторани.

Нивниот заклучок е дека многу мал дел од тие количини завршуваат кај сиромашните луѓе. Значаен и организиран систем нема, а секоја активност на хуманитарните организации се сведува на повремени акции, кога ќе се соберат доволни количини да им бидат распределени на оние кои имаат потреба од храна.

Резултатите од прашалникот треба да дадат одговори за состојбата со фрлањето храна и прехранбени производи од маркетите, производствените капацитети, дистрибутерите на храна и прехранбени производи како и угостителските објекти од четири града во Република Македонија и тоа од Скопје, Струмица, Битола и Тетово. 

Од „Банка за храна Македонија“ нагласуваат дека собраните податоци ќе бидат основа за поттикнување на сите субјекти во општеството за одржливо менаџирање со храна, редуцирање на отпадот од храна, евентуално донирање на вишоците храна, како и потребата од граѓанско учество во процесите за намалување на сиромаштијата – гладот и прифаќање на најдобрите практики за справување со гладот како со примерот на Франција, за постигнување заеднички интерес со маркетите, производствените капацитети и дистрибутерите на храна, вишокот храна и храната со тесен рок на употреба се донира на хуманитарните организации т.е. гладните и сиромашни граѓани.

Организациите вклучени во оваа акција се дел од неформалната “Коалиција за борба против гладот“ и тоа: Храна за сите - Банка за храна Македонија, Организацијата на жени од Струмица, Младинска Алијанса Тетово, Младински Културен Центар Битола, Уметност на живеење Македонија, СУНА и Коалицијата за одржлив развој од Скопје.