Македонија
12. March 2019 - 15:13

Претставници на Јапонската амбасада во посета на Општина Куманово

Претставници на Јапонската амбадата, заменик амбасадорот на Јапонија Мачида Хидеаки и вториот секретар во Амбасадата, Канако Теури, денеска ја посетија општина Куманово и остварија средба со градоначалникот Максим Димитриевски при што разговарале за понатамошната соработка на Општината со Амбасадата.

-Планираме посета на речното корито на Липковка, која се изгради со средства обезбедени од граѓаните на Јапонија, преку Амбасадата и проект на УНДП и планираме да посетиме неколку мали претпријатија во градот, информираше Димитриевски.

Тој нагласи дека сакаат да ги развиваат односите со Амбасадата на Јапонија.

-Јапонскиот народ е голем донатор за нашата општина, Јапонската амбасада е донатор во нашата држава и сметаме дека нашите односи треба да се развиваат на позитивен начин, особено на културен план за еден ден да достигнеме одредено ниво, да се зближиме со некоја општина од Јапонија со цел да се збратимиме, рече Димитриевски.

Тој се заблагодари за сите донации кои што Јапонската амбасада, која во име на нивните граѓани ги донираше на Куманово, меѓу нив и за регулација на речното корито на Липковка. Со средства обезбедени од донација од Јапонската амбасада преку проект на УНДП со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Куманово е завршена втората фаза од изградбата на речното корито на Липковка.

-Останува да се доврши првата фаза, изградбата мораше да се стопира кај месноста Средорек и останува довршување на третата фаза, која е во должина од градскиот парк, се до автопатот Скопје- Белград, односно до Бедиње, појасни Димитриевски.
 
Тој најави дека штом се обезбедат финансиски средства ќе се продолжи со имплементација на целиот проект.