Македонија
14. July 2015 - 8:20

Претстава, концерт и филм на „Скопско лето“

Во рамки на  „Скопско лето“ вечер во Театар „Комедија“ ќе настапи Албански театар-Скопје со претставата „Под масата“ на Роланд Топор во режија на Билге Емин. 

Во претставата доминира црн хумор - главниот лик, преведувачката Флоренс Мишалон, поради материјални тешкотии е принудена просторот под својата маса да го изнајми. Меѓу неа и  кираџијата Драгомир се раѓа срдечна, недообјаснива љубов.... 

Во актерската екипа се: Мирлинда Саит, Фисник Зеќири, Илбер Муртези, Зарије Јонузи и Хамди Рашити. Сценограф е Нурула Тунџер, костимограф Марија Пупучевска, композитор Кокан Димушевски, кореограф Кренаре Невзати-Кери. 

Во Музеј на Град Скопје, пак, е концертот на дуото виолини Фросина Богдановска и Жана Ли од Казахстан, и пијанистката Марија Ѓошевска. Тие ќе изведат композиции од Изаи и Прокофјев.  

Во Сули ан (Факултет за ликовни уметности) каде што „Скопско лето“ ја организира програмата „Кафе кино“, ќе биде прикажан филмот „Продолжи да се смееш“ од 2012 година - копродукција меѓу Грузија, Франција и Луксембург, во режија на Русудан Чкониа.