Свет
7. September 2024 - 12:22

Претседателски избори во Алжир

Алжирците денеска гласаат на претседателски избори на кои се очекува да победи актуелниот шеф на државата Абделмаџид Тебун.

Како што пренесува ДПА, Тебун, кој ја презеде функцијата кон крајот на 2019 година, бара втор петгодишен мандат.

Тој е поддржан од големите партии во оваа северноафриканска земја богата со енергија. Алжир, поранешна француска колонија, е клучен снабдувач на енергија во Европа.

Исламистот Хасани Шариф Абдел Аали и Јусеф Аучиче од Фронтот на социјалистичките сили се противкандидати на Тебун, но, аналитичарите го гледаат Тебун (78) како јасен фаворит во гласањето.

Тебун е поддржан од 17 партии кои имаат мнозинство во алжирскиот парламент, информира алжирскиот политички аналитичар Хаким Буграра.

– Тој постигна некои достигнувања во првиот мандат. Гласачите може да му дадат втора шанса на Тебун [на функцијата] да ги заврши работите што ги почна во првиот мандат, како што се ограничување на невработеноста, поддршка на средната класа и привлекување многу инвестиции во земјата, изјави Буграра за ДПА.

Тебун беше избран за претседател во декември 2019 година, осум месеци откако долгогодишниот владетел Абделазиз Бутефлика беше принуден да поднесе оставка, под притисок по уличните протести и од моќната армија.

Најмалку 24 милиони Алжирци имаат право на глас на денешното гласање. Избирачките места се отворени 11 часа.

Објавувањето на конечните официјални резултати може да потрае неколку недели.