Македонија
10. September 2024 - 16:38

Пребарување на вакциналните картони во Општина Петровец по појавата на морбили

Појавата на вториот случај на морбили годинава ги раздвижи вработените во пунктовите за имунизација. Проверката на вакциналните картони во општина Петровец засега откри 19 деца кои не ја примиле МРП вакцината. Оваа бројка е само од училиштето Братство и единство каде учи и заболеното 12 годишно дете кое се заразило при посета на Нови Пазар во Србија.

-Веќе го задолжив и ги информирал родителите на тие 19 деца, да што побрзо ги вакцинираат. Го знаете законот, не може да им наредиме, тоа е нивна одлука. Наше е да укажеме и сугерираме а нивно е дали ќе ги вакцинираат, вели Борче Митевски градоначалник на општина Петровец.

Градоначалникот вели дека контактирал со семејството на заболеното дете кое е на домашно лекување. Со него дома се и неговите браќа и сестра од кои тројца се целосно вакцинирани а заразеното и уште едно дете не примиле ниту една доза. На територијата на општината пред стартот на учебната година била направена дезинсекција и дератизација во образовните објекти.

Од општината очекуваат податоци за вакциналниот статус и на учениците од Кочо Рацин.

-Јас сум кажал на директорите да им пренесат на наставниците да внимаваат на децата и доколку се појави некој ваков случај веднаш да го информираат директорот, и заедно со мене како градоначалник да преземеме мерки, вели Митевски.

По појавата на случајот со морбили, Комисијата за заразни болести ја следи состојбата а имуноилозите ги повикаа родителите да не ја пролонгираат МРП вакцината и да ги заштитат децата.

Засега бројките не одат во прилог на колективен имунитет бидејќи имунизацијата со прва доза на вакцината против морбили е едвај 73 проценти.