Македонија
4. August 2020 - 19:59

Пратениците влегоа во собранието, конституиран новиот парламент

Собранието од денеска во нов состав. Потврдени мандатите на 120-те пратеници избрани на предвремените парламентарни избори. На првата седница, со 116 гласови “за” и ниеден “против” или “воздржан” се верификуваше правото на народните избраници да ги застапуваат интересите на граѓаните.

Под посебни здравствени протоколи, наместо во салата “Македонија”, сцената се одвиваше во Големата купола која нуди можност за физичка дистанца меѓу пратениците. Нешто после пладне, од таму одекна македонската химна, со чие интонирање почна конститутивната седница.   

Прва задача на новите пратеници беше изборот на Комисија која ќе ги верификува нивните мандати. За нејзин претседател беше изгласана Јагода Шахпаска, која со останатите членови се повлече на разгледување на извештајот од ДИК.

За тоа време беше дадена пауза во Собранието, а спикерот во заминување замисли таа да биде искористена продуктивно со оглед на новите лица во Парламентот.

“Значи да останеме тука и да се запознаат пратениците меѓусебно. Одржувајте дистанца сите знаеме во каква ситуација се наоѓаме и ве молам – можете да разговарате од вашите места, не мора сви чопоративно да излезете”

Еден час им требаше на членовите на Верификациската комисија, да утврдат дека нема никаков основ за оспорување на изборoт на ниту еден од 120-те пратеници. Следуваше гласањето, по што Џафери информираше дека на претседателот и на членовите на Владата на кои денеска им беше верификуван мандатот им преставуваат функциите, но заради обезбедување констинуитет во работата, остануваат на должност до изборот на нова Влада.

Ќе работиме според Уставот, вети Џафери.

“Во мое лично име и во име на целата служба во новиот мандат и на овој нов собраниски состав им честитам на сите пратеници и им посакувам најдобро застапување и претставување на сите граѓани. Верувам дека нашите задачи ќе ги извршиме согласно со Уставот и како претставници на граѓаните”

На седницата, од 120 не присуствуваа само тројца пратеници. Како гости, конституирањето на Собранието го следеа претседателот Стево Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претставници на највисоките судски инстанции, Народниот правобранител и претставници на дипломатски конзуларни мисии во Македонија.

Од првата седница останаа уште две точки. Формирање на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на негов претседател, но по овие точки, како што рече Џафери, ќе се расправа кога ќе се создадат услови за тоа.