Македонија
11. December 2015 - 14:40

Повторно прекината седницата на Анкетната комисија за прислушувањето

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето денеска повторно не одржа седница откако не беше изгласан предложениот дневен ред од страна на претседателот Петре Шилегов и дополнувањето со две точки кое дојде од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. 

Потребно мнозинство немаше за предлогот на Шилегов денеска Комисијата да го сослуша поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, како и за предлозите на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ дневниот ред да биде дополнет со Барање до МВР да достави до Комисијата Извештајот за внатрешната контрола на Управата за безбедност и контраразузнавање по однос на скандалот со прислушувањето и Барање до специјалниот јавен обвинител Катица Јанева да ги достави сите материјали, копии или оригинали на вештање, доколку тоа постои, по однос на скандалот со прислушувањето за да може да се утврдиме колкав број граѓани биле прислушувани во Република Македонија. Откако беше констатирано дека дневниот ред не е прифатен седницата беше прекината. 

Претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од Шилегов да не го прекршува Деловникот и да ги достави на усвојување записниците од претходно одржаните седници пред да го стави дневниот ред на гласање. На ова претседателот на Комисијата Шилегов одговори дека претходните две седници се прекинати, а не завршени и оти затоа нема записници од седниците.

Во изјава за медиумите по седницата Шилегов рече дека според него ВМРО-ДПМНЕ нема намера да овозможи пред оваа Анкетна комисија да се појават повиканите сведоци или имаат определено сценарио.

- Денеска за жал таквото сценарио беше зачинето со обиди за моја лична дискредитација. Комисијата не успеа да изгласа дневен ред како што беше и во средата се со цел да не може официјално да биде повикан Сашо Мијалков на денешната седница да даде своја изјава, рече Шилегов.

Во однос на барањата на ВМРО-ДПМНЕ за Извештајот од МВР и посета на работни групи на институции, според него седницата е закажана на 16 - ти овој месец. 

- Обидот да се дополнува дневниот ред со точки што се ставени на друга седница е евтин обид да се исценира дека заради недостаток на волја на кој било член од Комисијата или незнаење на претседателот на Комисијата тие точки на дневен ред не се усвоени, изјави претседателот на Анкетната. Според него, ВМРО-ДПМНЕ ќе прави обиди седницата на Анкетната да биде затворена за јавноста на сведочењето на премиерот Никола Груевски в понеделник, но пратениците од опозициската СДСМ, како што кажа, ќе направат се ова сослушување да биде јавно. 

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пак, Шилегов можеби е добар правник во судница, но не е добар претседател на Комисијата бидејќи не го почитува Деловникот кој што самиот го предложи а тие го усвоиле.

- За жал не го почитува Деловникот кој сам го напиша, закажува седници произволно, кога знае дека нема присутен некој да даде изјава, не доставува записници, не доставува материјали, секогаш дава или одзема збор произволно на колеги. Овие седници за жал се претворија во губење на време, наместо во ефикасна работа каде што Анкетната комисија ќе утврди факт, а фактите кои ни се важни е кој прислушувал, кој злоупотребил прислушување и кој ги повредил личните и демократските права, приватноста и техниките за следење на луѓе во оваа држава, да знаеме дали е тоа поединец или е група, да нзаеме во чиј интерес е тоа направено, дали постои трета страна..., рече Милошоски.

Според него, за да се утврди тоа потребни се два извештаи. - Извештајот на МВР кое го раководи генералниот секретар на СДСМ , каде што е портпарол господинот Шилегов, и треба да ни достави извештајот за извшена контрола и анализа на скандалот со прислушувањето кој што постои како документ архивиран строго доверливо во УБК. Тој документ ни треба за да видиме како се случило прислушуивањето и како Комисијата да извлече препораки и заклучоци, да ги подобриме законите и во иднина тоа да не се повтори, изјави Милошоски.

Второ, посочи тој, потребен е извештај од специјалната обвинителка.

- Би требало на Анкетната комисија да и достави информација за тоа колку луѓе се прислушувани, кои материјали ги имаат, кои се автентични, дали имаат форензика, од која институција потекнуваат, кој поединци и гхрупи доставиле и дали имаме прислушувани 20.000, 100.000 или 200.000 грашани во Република Македонија, согласно различните изјави на Заев, кој што ја обелодени оваа афера, рече пратеникот Милошоски. Според него, чудно е што СДСМ не сака ВМРО-ДПМНЕ да дојде до податоците и извештаите кои се однесуваат на аферата што тие ја обзнанија во јавноста.

- Сметаме дека ваквото однесување го навестува однесување на членовите на СДСМ во понеделник и уште од денеска станува јасно дека Шилегов сака комисиите да се одржуваат и ние да имаме реплики на изјавите кога нема присутни сведоци, рече Милошоски кој очекува во понеделник, за кога има закажано сведочење на премиерот Груевски да не се создаде атмосфера тоа да се случи.

- Очекува,е да се прават пречки, процедурални укажувања, прекинувања на седници, паузи, презакажување за следен ден и сите други можни деловнички и неделовнички механизми со кои СДСМ ќе се обиде да го попречи обраќањето на оние кои писмено потврдиле дека сакаат да дадат изјави со самото тоа да ја продолжува тензијата и да го троши времето на новинарите, а Комисијата да не дојде до одредени сознанија и факти и истраги кои можат да ни ја приближат вистината, изјави Милошоски.