Македонија
30. January 2025 - 15:35

Поведена дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Скопје и еден јавен обвинител од истото обвинителство

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител донесе одлука за поведување дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и еден јавен обвинител од истото обвинителство. Постапката е покрената поради тешки дисциплински повреди, вклучувајќи неправилности во заведувањето на предметите и нестручно работење во неколку случаи.

- Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција едногласно донесе решение со кое се поведува дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, за сторена тешка дисциплинска повреда согласно член 91 ст.1 алинеја 1 и 6 од Законот за јавното обвинителство. Исто така, Комисијата едногласно донесе решение со кое се поведува дисциплинска постапка против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и еден јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје за сторена тешка дисциплинска повреда согласно член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, стои во соопштението од Обвинителството..

Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како што дополнуваат, Комисијата одржала расправа на која ги разгледа писмените извештаи од известителите по предлогот за поведување дисциплински постапки и писмените изјаснувања на јавните обвинители, по што оценила дека постои основано сомнение дека во двата случаи јавните обвинители сториле тешки дисциплински повреди.

- Во првиот случај, дисциплинската постапка е поведена против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје. Втората дисциплинска постапка е поведена против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение, како и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, наведуваат оттаму.

Бидејќи Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје е веќе оддалечен од функцијата поради кривична постапка која се води против него, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска донел одлука за оддалечување од функцијата и на другиот јавен обвинител против кого е поведена дисциплинска постапка се додека трае постапката против него.

Ново на Сител