Свет
16. August 2017 - 18:26

Потврдено постоење на пет неолитски градби на локалитетот Врбјанска Чука

Истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука се завршени и во рамки на ископувањата е потврдено постоење на пет неолитски градби во простор од 300 метри квадратни, информира Центарот за истражување на предисторијата.

Две од неолитските градби се изработени од лепеж, додека останатите три од дрво, што, како што се наведува, укажува на различните архитектонски пристапи на земјоделските заедници во оваа населба.

- Во една од градбите беа констатирани шест стопански структури и десетина камени мелници за обработка на жито, и за сега се издвојува како единствена таква пронајдена меѓу неолитските локалитети во Македонија. Во соседната градба се открија амбари, корита, печка и платформи за помасивни структури, а во кои најверојатно се чувало жито и подготвувал леб. Имајки го предвид и големиот масивен амбар со четири корита, пронајден претходно во оваа наелба, се потврдува дека оваа населба била своевиден земјоделски центар во регионот, концентрирана на обработката на пченица и јачмен, се вели во соопштението.

На локалитетот Врбјанска Чука се откриени и мноштво луксузни садови изработени од најфина глина, полирани и декорирани со црвена боја и невообичаени црни орнаменти и голем број предмети кои и‘ припаѓаат на духовната култура, како што се фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи итн. Меѓу останатите предмети се и керамички дискови, токени, кугли за праќа, тегови, камени секири, острила, кремени ножиња и шила од коска што укажува на активностите во рамки на секојдневниот живот.

Археозоолошките анализи потврдуваат присуство на диви животни (елени, лисици, птици, риби и змии), како и домашни животни (говеда, свињи, овци, кози и кучиња) што се одгледувале и конзумирале во населбата. Детектирањето на некои видови птици и растенија преку анализите упатува на тоа дека просторот околу оваа населба бил мочурлив и во неолитот, што пак овозможувало плодни полиња и поголем избор на храна и ресурси (риби, птици, жаби, трска итн.).

Деталното стратиграфско проучување, се вели во соопштението, на населбата посочи постоење на дури три неолитски хоризонти со различни архитектонски техники, како и на еден антички и еден средновековен хоризонт. Во целина, истражувањата укажуваат на фактот дека Врбјанска Чука бил комплексен локалитет и особено динамичен во неолитскиот период. Неговото точно датирање ќе биде утврдено откако дел од примероците ќе се анализираат во лабораториите на Универзитетот во Берн.

Истражувањата на оваа тумба се изведуваа во текот на јули како резултат на меѓународната соработката меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј - Прилеп, Универзитетот на Јужна Бохемија и Институтот Биосенс.

Во проектот учествуваат бројни стручњаци од Македонија, Чешка и Србија, а коишто им припаѓаат на повеќе научни сфери, вклучувајки ги археологијата, зооархеологијата, археоботаниката итн. Проектот е финансиски подржан од повеќе институции, како што се Швајцарскиот фонд за наука, Министерството за култура, општина Кривогаштани, Универзитетот на Јужна Бохемија и Европскиот истражувачки совет.