Македонија
30. March 2023 - 12:20

Постои опасност жителите на Општина Карбинци да останат без вода за пиење во летните периоди

Повеќе од 6 месеци доцни приклучувањето на филтер станицата во општина Карбинци со ХС „Злетовица“, имајќи предвид дека првичните најави беа водата од хидросистемот да започне да се користи од септември минатата година. Локалната самоуправа ги заврши обврските во однос на испитување на квалитетот на водата, но доколку важноста на документот истече, ќе се направат нови анализи. Првиот човек на општината стравува дека, доколку повторно се пролонгира рокот за приклучок, во летните месеци ќе се соочат со проблеми во водоснабдувањето на населението. 

- Во овој момент функционираме во рамки на нормалното, но доколку задоцниме повторно во летниот период, тогаш би имале повторно проблеми во однос на квалитетот и квантитетот на водата за пиење, којашто ја дистрибуираме. Очекувам да се заврши оваа постапка пред започнување на летниот период за да ги немаме овие проблеми, изјави Виктор Паунов, градоначалник на О. Карбинци.

Во меѓувреме се гради асфалтниот пат до филтер станицата во должина од 2 км.

- Тоа е нова траса, така што очекувам до крајот на месец април да бидат целосно завршени овие активности со асфалтирањето, за да можеме да побараме употребна дозвола од страна на Министерството и да склучиме договор со ХС „Злетовица“, додаде Паунов.

По Пробиштип, Свети Николе и Штип,  Карбинци ќе биде четврта општина која со вода за пиење од браната “Кнежево” ќе снабдува над 80 % од жителите. Сепак, поврзувањето на „Злетовица“ нема да значи и откажување од бунарите, туку ќе се користи комбиниран систем на водоснабдување.