Македонија
20. May 2020 - 14:43

Постепено се враќа во редовен тек градскиот и меѓуградскиот превоз во Куманово

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски денеска ја поздрави одлуката на Владата за  нормализирање на јавниот градски и меѓуградскиот јавен превоз од и кон Општина Куманово, кој беше укинат на почетокот од ширењето на коронавирусот во Куманово.

Тој додава дека утре ќе имаат состанок на општинскиот кризен штаб и ќе се договорат со превозниците за методологијата како ќе се изведува превозот.

-Во првата фаза на почеток, сметам дека е потребно да има редуциран пристап, потоа постепено да се воспостави и целосно, многу е важно да се одржува социјална дистанца, тоа е најдобра заштита која се покажа во пракса, заедно со другите мерки водат во насока на дополнителна превенција-изјави Димитриевски.

Тој смета дека враќањето на превозот ќе го забрза развојот на малите и средни претпријатија во градот, бидејќи голем број работници го користат градскиот превоз.

Од автобуската станица Куманово, денеска потврдија дека денеска еден превозник пуштил три линии кон Скопје.

-За утре е најавен уште еден превозник, чекаме да не информираат и превозниците кои работат на линијата со Старо Нагоричане-изјави Владимир Васиљковски, од автобуската станица Куманово.

Градскиот превоз на почеток од ширењето на вирусот, со одлука на општинскиот кризен штаб беше редуциран и функционираше во извесна мера, потоа следуваше одлука на Владата за укинување на градскиот и меѓуопштинскиот превоз како мерка за заштита од ширење на коронавирусот во Куманово кое беше најпогоден град од Ковид 19 во март и април годинава.