Македонија
14. јуни 2024 - 16:39

Поскапува струјата?

Поскапа струја од 1-ви јули. Според неофицијални информации на Сител, Владата на затворена седница одлучила државните електрани да ја продаваат поскапо произведената електрична енергија на универзалниот снабдувач. Наместо досегашните 57, цената да порасне на 60 евра за мегават. 

Дополнително, според информациите, ЕСМ нема да покрива 100% од потребите, туку дваесетина проценти помалку. 

Аукцијата на тендерот за набавка на струја за домаќинствата е на 20 јуни.

Дали и за колку ќе се зголемат сметките ќе се знае во следните две недели.

Во меѓувреме, граѓаните секојдевно се соочуваат со зголемени цени. Последно во низата е поскапувањето на лебот за 10 до 15%. Експертите велат тоа е последица на замрзнатите цени и маржи.

„Ова е нус продукт, односно ефекти од преземените мерки за ограничените цени и маржи. Ова се резултатите кои ги дава економијата. Не сме ние до крај излезени од таа глобална инфлациска криза, иако централната банка веќе почна да ги намалува каматните стапки. Но, не сме и во ситуација во која вртоглаво би можеле да очекуваме увозна инфлација“ – Абил Бауш, економски аналитичар

Новата влада ќе треба да се фокусира на намалување на инфлацијата и барем во последниот квартал годинава да имаме нормално опоравување на економијата, вели Бауш. Според него, ако власта се држи до предизборната програма, економските резултати ќе бидат добри.

„Инфлацијата се намалува само ако направите добар стратешки план и добро штедење, а со тоа да припазите каде ќе инвестирате, кои капитални инвестиции ќе ги направите за тоа да има импакт во економскиот раст и развој. Очекувам дека ќе ја поддржат таа нивна платформа 1198 и ако се задржат до нејзе би можеле да имаме добри резултати, ајде да се надеваме“ – Абил Бауш, економски аналитичар

Синдикатот пресмета дека за да се покријат најосновите трошоци за живот, во месец мај на едно семејство му биле потребни илјада евра.