Македонија
13. јуни 2024 - 16:47

Поскапе лебот

Поскапе белиот и полубелиот леб. Дел од компаниите ставија нови, повисоки цени за 10 до 15%. Па така, лебот што се продаваше за 29 денари, сега чини 33. Некои од пекарите веќе ги поскапеа и белите печива како ѓеврекот, переците и кифлите.

„Последиците на покачувањето се зголемените цени на суровините, поготово на пченицата во изминатите 45-50 дена на светските берзи со што автоматски се зголемени цените на брашното, како во светот, така и во регионот. Тоа е една од причините што се зголемија за 10-ина проценти, затоа што во меѓувреме тие цени се намалуваат пред жетвата, се надевам ќе се стабилизираат и затоа компаниите така одлучиле“ – Горан Малишиќ, претседател на Групација за мелничко-пекарска индустрија

Пред околу еден месец од агро-бизнис комората рекоа дека лебот нема да поскапи летово, а потоа ќе се прават анализи со оглед на руско-украинскиот конфликт и турбуленциите на Блискиот Исток. Но, и покрај таквите најави, цените порано почнаа да одат нагоре.

„Изјавите кога беа дадени од пекарите, во тој период тогаш почнаа да се зголемуваат цените, драстично се зголемија за 25% со што се создаде овој проблем. Очекувам во екот на жетвата, ќе се стабилизираат цените. Со тек на време, во пазарно опкружување ќе се врати, тоа се очекува да се стабилизираат цените и да дојдеме до некоја нормала“ – Горан Малишиќ, претседател на Групација за мелничко-пекарска индустрија

Според државна статистика, трошоците за живот во мај биле зголемени за речиси 1 процент. Синдикатот, пак, ја пресмета вредноста на синдикалната минимална кошница за истиот месец на 60.090 денари.