Македонија
4. November 2025 - 19:50

Поради неажурноста на факултетите над 2.000 студенти од почетокот на месецот останаа без парите за оброк

Поради неажурноста на факултетите, 280 илјади денари место кај студентите, си се вратени во државната каса. Над 2.000 студенти со жалби и поплаки до МОН и студентските собранија дека месецов не добиле средства за студентски оброк, и покрај тоа што уредно запишале година и ги исполнуваат условите да добиваат 140 денари на ден.

Проблемот лежи во неажурноста на факултетите. ФЕИТ, Педагошки факултет, Мајка Тереза и други не испратиле ажуриран список со редовни студенти, обврска која треба да ја извршуваат на месечно ниво.

„Секој факултет, секоја високо-образовна установа е должна секој месец до МОН да  доставува ажурирани листи на редовни запишани студенти на таа институција, со цел МОН да знае кои студенти се редовни, кои студенти ги исполнуваат условите за да добиваат субвенциониран студентски оброк, но очигледно е дека некои факултети овој месец не доставиле навремено податоци“, изјави Гоше Николов, студентарија.мк.

Но и во случај неделава факултетите да си ја поправат грешката, сепак студентите нема да ги добијат парите кои им следуваат за 1. ноември.

И да се надмине проблемот, се надеваме дека студентите ќе ги добијат парите за оваа недела на нивните сметки и бидејќи картичките можат да ги користат до сабота – ќе можат да си ги потрошат средствата за неделава. Но, што со оние средства од саботата? Им пропаѓаат, изјавиГоше Николов, студентарија.мк

Сител доби и потврда од МОН дека поради неажурираните податоци на факултетите, не можат да го продолжуваат правото на оброк за студентите. Ова не се случува првпат, ваква била ситуацијата претходниот месец, но и претходните академски години.

Студентите како решение предложуваат автоматизиран систем преку кој факултетите секој месец ќе знаат до кој датум треба да ги испратат податоците.