Бизнис
29. July 2024 - 16:34

Пониски сметки за парно од август

Поевтинува парното греење во Скопје. Цената за домаќинствата се намалува за 3,16% за корисниците на ЕСМ, а пониски сметки ќе плаќаат и приклучените на топланата Скопје Север и ЕСМ Енергетика.

Помали трошоци ќе имаат и фирмите, училиштата и институциите кои користат централно градско греење.

Пресметката за домаќинствата е направена без субвенции, a ако продолжи државната помош намалувањето би било над 17%.

Во изминатиот период за субвенционирање на парното во градот СКопје од буџетот на државата беа издвоени приближно 12 милиони евра. Цените на природниот гас се стабилизираа и оттука не гледам никаква причина повеќе да има субвенции за цената на парното во Скопје“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Бислимовски рече дека дел од компаниите не биле задоволни од одлуката за намалување на цената и најавиле дека ќе ја обжалат пред Управниот суд.

Тој уште еднаш го повика ЕСМ што побрзо да ги постави цевките под мостот Беласица со што ќе може да се испорачува повеќе топлинска енергија од ТЕ-ТО која е значително поевтина отколку од топланите.

Дополнително, алтернативниот цевковод е со помал капацитет и ако зимата биде студена ќе има проблеми во снабдувањето.

Цената на топлинската енергија произведена од ТЕ-ТО е за 35% поевтина отколку што е цената на топланите во Градот Скопје. Завршени се сите набавки и се е подготвено за да се заврши реконструкцијата. Знаете, тоа прашање го отворивме лани во мај, да го поминувавме Амазон, ќе го поминевме“ – Марко Бислимовски, претседател на РКЕ

Новите цени ќе важат од 1-ви август.

На парно во Скопје се греат околу 64 илјади домаќинства.