Помалку повреди и смртни случаи на работа преку нов проект финансиран од ЕУ
Помалку повреди и смртни случаи на работните места преку зајакнување на законите, модернизација на инспекцијата и воведување електронски систем за пријава. Со пари од Европската Унија во наредните 3 години ќе се спроведува проектот „Кон безбедна и здрава работна средина“.
„Податоците покажуваат дека бројот на повреди на работа и понатаму е висок, а системите за управување со ризици не се доволно распространети, особено во малите и средни претпријатија. Според податоците на европската агенција за безбедност и здравје при работа просечната стапка на смртни повреди во ЕУ е околу 1,3 на 100 илјади вработени, додека кај нас таа бројка е повисока“ – Љупчо Димовски, заменик претседател на Владата
„Во многу сектори особено во градежништвото, земјоделството, транспортот и преработувачката индустрија несреќите при работа и професионалните заболувања се уште се сериозен проблем“ – Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Од почетокот на годинава до септември, регистрирани биле 6 несреќи на работно место кои завршиле фатално.
„Мислам дека крајниот епилог од овој проект е кога ќе се видиме на неговото завршување е да кажеме дека овие 6 несреќи при работа со фатални последици ќе бидат намалени можеби на 1,а можеби и на ниеден“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Поради несреќите на работа, Европската Унија годишно трпи економски загуби од околу 460 милијарди вра. Ако се примени оваа стапка, тогаш загубите во Македонија би изнесувале помеѓу 500 и 600 милиони евра годишно.
„Ширум Европа, несреќите на работно место и трошоците заради тоа се некаде 3% од БДП. Преку подобри резултати во ова поле и помалку отсуства од работа заради повреди ќе се зајакне и економијата“ – Александру Албу, советник на делегацијата на ЕУ
Според извештајот на македонското здружение за заштита при работа, лани на секои 100 илјади вработени, на работното место загинале 2 до 3, а потешко се повредиле околу 16 до 17 вработени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
