Македонија
10. April 2024 - 16:42

Почна увидот за пожарот во Универзална сала

24 часа по големиот пожар во Универзална, зад затворената порта од градилиштето истражните органи вршат увид во обид да дознаат како избија пламените јазици кои за час и половина уништија се што имаше под челичната конструкција.

На увидот се чекаше толку долго бидејќи на надлежните им требаше време да ја обезбедат локацијата и да создадат услови за влез на увидните екипи. Камерата на Сител ги забележа истражителите кои го прегледуваат објектот.

Како што велат од Јавното обвинителство, локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините на нстанување на пожарот.

-Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај. Во текот на вчерашниот ден, во рамките на своите надлежности, Државниот инспекторат за труд изврши контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкцијата на објектот и изготви записник, велат од Јавното обвинителство.

Тројцата градежни работници кои беа приведени на распит за вчерашниот пожар во Универзална се пуштени на слобода зашто Јавниот обвинител ценел дека во оваа фаза нема основ за нивно натамошно задржување.

Иако изведувачот вчера рече дека според него, причината најверојатно е стар кабел, информации на Сител говорат дека инсталацијата веќе била остранета од објектот. Неофицијални извори за Сител велат дека градежните работници работеле пред избувне пожарот.

На социјалните мрежи, веќе се појавија ноќни видеа од Универзална на кои се гледа како работниците заваруваат а искри летаат на сите страни.

Политичките партии и денеска бараат одговорност за пожарот, а топката си ја префрлаат еден на друг. Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева вели дека одговорност мора да има, особено што седум години реконструкцијата на објектот тапка во место.

-Ковачевски и Бисера Костадиновска мора да одговорат на следниве три прашања: 1. Која фирма е изведувач на градежните активности и дали истата е блиска со врвот на СДС? 2. Какви материјали се вградени во Универзална сала и дали тие се согласно сите стандарди? Или е ист примерот како со Тетовската модуларна болница? 3. Кој е надзор на градбата и дали тој утврдил недостатоци, дали ги нотирал или одобрил се што до сега е правено?, прашува Митева.

Од СДСМ, пак, велат ВМРО-ДПМНЕ ја оставило Универзална да се распаѓа, иако претходната локална власт почнала процес за реконструкција.

-Култниот објект и симбол на Скопје, две години го оставија на забот на времето, да пропаѓа и од внатре и од надвор, па дури и предавањето на реконструкцијата на Универзална сала на Министерството за култура им беше проблем. ДПМНЕ во програмата за локланите им вети на граѓаните реконструкција на Универзална сала, тоа не се случи, велат од СДСМ.

Симболот на Скопје во кој растеа многу генерации изгоре за само час и половина. Од надвор јасно може да се види што се настрада во пожарот. Единствено што остана е челичната конструкција.