Македонија
22. July 2021 - 16:43

Почна судењето за „Јавна соба“

Почна судењето за случајот „Јавна соба“ во кој се обвинети две лица дека дистрибуирале детска порнографија. 32г скопјанец Дарко Костовски и 22г Михаил Пановски беа спроведени до судот од притворот во Шутка каде се веќе 6 месеци. Двајцата се обвинети дека биле креатори и администратори на првата група „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграф. Обвинителот во воведните зборови истакна дека ќе ја докаже вината кај двајцата обвинети дека со умисла дозволиле видео во кое се прикажани полови дејствија со дете да биде достапно на членовите на групата. Одбраната побара одложување бидејќи не ги добиле сите докази на увид и не биле завршени вештачењата.

Судот не го прифати барањето на адвокатите да им се укине притворот на двајцата обвинети поради фамилијарни здравствени проблеми. Поднесена е и жалба по која треба  да одлучува кривичниот совет. Следното рочиште е закажано на 27 август на кое одбраната ќе ги даде воведните зборови. „Јавна соба“ беше првата ваква група во која учествуваа илјадници членови и беше споделуван порнграфски материјал, приватни броеви и податоци за девојки од најразлична возраст. Откако беше затворена оваа група, се појави уште една „Јавна соба 2“, случајот е во предистражна фаза. Во оваа постапка се вклучени неколку обвинителство, велешкото, битолското, обвинителството во Кавадарци и во Прилеп.