Почна работата на Универзитетот „Мајка Тереза“

Во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија денеска почна да работи новиот, шести државен универзитет во земјава „Мајка Тереза“. Составен е од пет факултети - за технички науки, за градежништво и архитектура, за технолошки науки, за информатика и за социјални науки, со вкупно 14 студиски програми.
Ректорот Азиз Положани на првиот академски час истакна дека Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе биде фокусиран на потребите на пазарот на трудот и на внатрешната социјална кохезија кои, како што рече, се предуслов за успешни чекори кон сеопштата интеграција.
- Иако поради разни процедурални и други причини се одложи почетокот на наставната година, пријавените за оваа година се на ниво на нашите очекувања, со тоа што ќе се организира настава на девет студиски програми од вкупно 14 акредитирани. Со таков начин на студирање, избегнувајќи масовност и студиски програми конјуктурално наметнати, ние ќе обезбедиме квалитетни студии и подготвување кадар за новиот технолошки контекст, рече Положани, кој порано беше министер за образование и наука.
Министерот Пиштар Лутфиу рече дека знаењето, интелектуалната сила, професионалноста и квалитетот се функции кои, како што додаде, ги бара денешниот модернизиран свет.
- Науката е универзален пасош кој ги обединува големите умови и затоа отворањето на овој универзитет денеска бара храброст, добра волја, големи умови и, пред се, напорна работа. Затоа може да се смета како почетна точка од нашата главна цел - човековото право на еднаквост и да се биде дел од големото европско семејство и од модерниот свет. Факултетите кои почнуваат да работат денеска се основани со добро анализирани насоки, според барањето на пазарот на трудот. На младите им се нудат можности кои се во согласност на барањата на времето и светот, рече Лутфиу посакувајќи им успех на првата генерација студенти на „Мајка Тереза“ и на ангажираниот кадар.
Министерот и ректорот во своите обраќања не соопштија број на запишани студенти на новиот универзитет. Лутфиу пред еден месец рече дека Конкурсот предвидувал 1.220 места за запишување во прва година за сите пет факултети и дека дотогаш на електронското аплицирање биле пријавени 80 кандидати за студии на новиот универзитет. На првиот оглас за наставен кадар, пак, аплицирале 170 лица, а избрани биле 45 кои ги исполнувале условите.
За новиот универзитет од буџетот се обезбедени 80 милиони денари. Одлуката за отворање на универзитетот беше донесена во декември минатата година кога беше најавено дека наставата ќе се одвива на три јазици - македонски, албански и англиски.
Наставата ќе се одржува во зградата на ССМ и во просториите на Штуловиот универзитет во Скопје, додека не му биде изграден сопствен објект на универзитетот. Почетокот на изградбата се планира за 2017 година на местото на касарната „Илинден“.
Ново на Сител
-

Поевтинуваат бенизите, цената на дизелот останува иста
-

Викендов на ГП Табановце, влегле над 36.000 македонски државјани
-

Дедо Мраз и супер херои од цртаните филмови им поделија пакетчиња на хоспитализираните на Детската клиника
-

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони евра во енергетиката
-

Авиосообраќајот на скопскиот аеродром се стабилизира, откажани осум лета поради магла
-

Муцунски: Во фокусот внатрешните реформи и достоинствено и соодветно решение со Бугарија
-

Божиновска: Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут
-

Економските санкции на ЕУ кон Русија продолжени за уште шест месеци
