Македонија
6. December 2023 - 16:27

Почна лицитација на имиња за претседателски кандидати

Се откажува ли претседателот Стево Пендаровски од трката за втор мандат за шеф на државата? На прашање дали ќе се кандидра на претстојните избори тој денеска кусо одговори „не“. Пендаровски е еден од можните фаворити кај владејачката СДСМ, од каде тој ја доби подршката и за овој мандат.

Сепак, од неговиот кабинет го дообјаснија овој став на претседателот. Велат дека тоа не е негов нов став, но и дека е рано за одлука за втор мандат. Конечната одлука, според кабинетот, тој ќе ја донесе зависно од граѓанската, но и политичката поддршка.

Шефот на државата вели и дека веќе нема шанса за уставните измени и во овој мандат, особено не во периодот на техничката влада.

Покрај Пендаровски, за претседателски кандидат на СДСМ се зборува дека се подготвува и министерот за внатрешни рбаоти Оливер Спасовски. Кај социјалдемократите во игра е и поранешната потпретседателка Радмила Шеќеринска.

Во СДСМ веќе ја почна внатрепартиската процедура за избор на нивниот претседателски кандидат.  Неофицијално, покрај мислењето на партиските ограноци и рејтингот, ќе се мери и колку таквиот кандидат би бил поддржан и од албанското гласачко тело.

Кај ВМРО-ДПМНЕ пак, исто така во игра се неколку имиња. Партијата синоќа објави дека ја почнува процедурата за избор на кандидат, а ќе заврши со изборна Конвенција на 2 март. Од 10-тина кандидати на кои се мери рејтингот, засега најсериозни се имињата на професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова, но и на професорот и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски.

Кај интегративците пак, се уште нема ниту име, ниту одлука како ДУИ ќе истрча на претседателски избори. Досега најгласна беше опцијата да се оди со заеднички кандидат со СДСМ. Но, деновиве пораките од ДУИ се дека е можно да се оди со свој кандидат, а поддршка на кандидатот на СДСМ да се дава во вториот круг.

Албанската опозиција на Меџити, Гаши и Касами веќе објави дека изборите ќе има свој кандидат. Веќе и знаат кој, но името не сакаат да го соопштат.

На овие избори амбиција за претседател веќе изјави професорот Вело Марковски, кој беше актуелен како инфектолог за време на корона кризата.

Според партискиот договор постигнат на лидерската средба во понеделникот, првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај.