Македонија
17. October 2024 - 16:38

По Струмица и Василево водата за пиење забранета и во 4 села во општина Босилово

Уште една струмичка општина со неисправна вода за пиење. По Струмица и Василево и општина Босилово ја забрани водата во четири населени места. Поради отстапување од вредностите и стандардите за квалитет на водата за пиење во однос на физичко хемиските параметри согласно правилникот,  водата во овие населени места може да се користи исклучиво како техничка информираа од општината. Како една од причините за таквата состојба се посочува ниското ниво на вода во браната Иловица.

„Заради намалување на количините на вода во акумулацијата на брана Иловица и промена на квалитетот на сировата вода која доаѓа од брана Иловица, односно зголемените количини на суспендирани материи кои ги има во сировата вода, фабриката за вода, односно филтер станицата не е во можност да ги преработи и сведе во границите пропишани согласно правилникот за вода за пиење,“ информираа од ЈПКД Огражден Босилово.

Отстапувањата биле утврдени откако општината следејќи ја состојбата во микро регионот побарала вонредни анализи кои се надвор од планот за анализа и контрола, а со цел навреме да се следи состојбата и да се реагира.

Дел од граѓаните на Босилово не беа информирани  дека водата од системот што се снабдува од барана Иловица е забранета, други пак ја слушнале информацијата  и веќе се снабдиле со чиста вода. Некои од маркет, некои од сопствените извори и бушотини во дворовите.

Проблемот со неквалитетната вода за пиење во струмичкиот микро регион трае веќе дваесетина дена. Поради зголемените количини на манган прва забрана донесе општина Струмица за градот и шест населени места, а десетина дена подоцна збрана добија и десет села во општина Василево.