Македонија
6. September 2024 - 16:31

По Нова година државата може да остане само со двајца пиротехничари

За неколку месеци Македонија ќе остане само со двајца пиротехничари за отстранување на опасни убојни средства Наместо минималните 15, во моментов во Дирекцијата за заштита и спасување има вработено четворица од кои двајца после нова година заминуваат во пензија. Еден од нив ќе биде и раководителот на пиротехничарите Ефтим Митров кој моменталната состојба  ја оценува како алармантна бидејќи за обука на едно лице биле потребни минимум три години.

,, Обуката за пиротехничар трае минимум три години. Значи не може преку ноќ да се каже дека некој е пиротехничар. Ние сакавме ние да обучуваме луѓе. Реално треба да бидат со старите пиротехничари, но тоа не го направија па затоа формиравме и здружение на пиротехничари деминери во Македонија бидејќи тоа е професија во изумирање, можам така да ја кажам бидејќи во Македонија веќе нема каде да се едуцираат тие луѓе. Фактички ќе дојдеме во состојба исто како со пилотите. Ќе дојдеме во ситуација да немаме кадар бидејќи двајца луѓе не можат физички да постигнат да ги извршуваат тие задачи.,, вели Ефтим Митров - претседател на здружение на пиротехничари

Според Митров проблемот е институционален и  бара сериозно  внимание од страна на сите надлежни. Ако не се преземат конкретни мерки, ризиците за безбедноста на граѓаните и ефикасноста на отстранувањето на опасните убојни средства ќе се зголемат  значително, вели тој.  Проблем плус биле и условите за работа и слабата опременост поради што немало интерес од нови кадри.

,, Таа е една од нај ризичните работи на светско ниво. Платата моментално е под просечната во државата, опрема нема никаква, јас не верувам дека некој ќе дојде да работи за таа плата а може да се случи било кога да загине бидејќи ние имаме просечно од 300 до 600 интервенции на годишно ниво. Ние сме единствена земја може да кажам во светот што нема специјално возило за транспорт на неексплодирани убојни средства. Ние ги возиме гранатите во обично возило.,, вели Митров

За ова прашање уште во јули Сител побара став и од Дирекцијата за заштита и спасување. Прашања во писмена форма испративме и во август, но до сега од таму не добивме никаков одговор.

 Според пиротехничарите експлозивни убојни средства има на целата територија од државата и се откриваат секојдневно, а најзагаден е Југоисточниот регион и линијата на Солунскиот фронт. Најприсутни се  нај ризичните, артилериски гранати. Според проценките,  гранати ќе се откриваат и во наредните дваесет до триесет години