Македонија
23. September 2021 - 18:08

Пендаровски: Северна Македонија покажа способност да решава сложени прашања како што е „спорот за името“

Претседателот Стево Пенаровски во своето обраќање на 76. сесија на Генералното собрание на ОН рече дека како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот, а ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина.

- Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Продолжуваме да ги зајакнуваме нашата внатрешна стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права. Притоа сосема сме свесни дека најдобриот можен придонес, што можеме да го понудиме за пошироката стабилност и напредок, е да ги имплементираме сите овие вредности дома, кај нашите граѓани, вели тој.

Пораките, кои оваа недела ги упатуваме од Њујорк, нагласи Пендаровски, не треба да останат само зборовите.

- Без конкретни одлуки денес, светот нема да го направиме подобар утре. Имаме уникатна можност и одговорност како генерација лидери, кои своите земји ги водат низ најголемите предизвици по крајот на Втората светска војна, да преземеме чекори кон создавање помирен и поправеден свет во кој ќе се врати вербата во хуманизмот, слободата, солидарноста и почитување на човечкото достоинство, порача шефот на државата Пендаровски во своето прво обраќање на Генералното собрание на Светската организација.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателот Пендаровски да има средба со генералниот секретар на Светската организација  Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.