Македонија
18. February 2016 - 15:39

Пехчево изготвува стратегија за енергетска ефикасност за периодот 2017-2020 година

Пехчево изготвува стратегија за енергетска ефикасност за периодот 2017-2020 година.  Оваа стратегија е продолжение на стратегијата изработена за претходниот тригодишен период, со што општината се придржува до законската регулатива според која општините до Агенцијата за енергетика, редовно треба да доставуваат стратегија и акциски планови за енергетската ефикасност, истакна Елица Јовевска од Општина Пехчево.
 
- За тоа кои и какви проекти ќе бидат реализирани во текот на наредните години од областа на енергетската ефикасност во општина Пехчево, ќе се предвиди во новата програма за енергетска ефикасност на општина Пехчево 2017 – 2020 година, каде се поместени предлозите дадени од граѓаните на општина Пехчево, приватниот сектор, невладините организации и советниците во Советот на општината, рече Јовевска.
 
Таа истакна дека Општина Пехчево во соработка со Светката банка и Агенцијата за енергетика има изработено предфизибилити студија за зградата на стариот противпожарен дом. Со овој документ општината аплицирала на повиците за прекугранична соработка  со Р. Бугарија, за реконструкција на објектот кој треба да биде енергетски ефикасен.
 
Инаку, во Општина Пехчево сите јавни објекти се енергетски ефикасни.
 
- Преку проекти финансирани од најразлични донатори и од буџетот на Општината, направена е реконструкција на општинската зграда, потоа на образовните институции, како и детската градинка. Исто така, интервенирано е и во уличното осветлување, каде се поставени 330 штедливи светилки, промена на радијатори во објектите и сл. Мора да потенцирам дека заштедата на енергија во сите објекти е евидентна, а Пехчево има инвентар за стакленички гасови и има евиденција од сите сектори, колкаво количество на CO2 испуштаат, рече Јовевска.
 
Детската градинка во Пехчево, „7 Септември“ е единствена во регионот која е комплетно енергетски ефикасна. Во градинката, освен термоизолациона фасада и прозорци има поставено соларен систем за затоплување на водата во текот на летниот период, како и болјер на котелот на пелети за затоплување на водата во зимскиот период. Во оваа градинка греењето е на пелети за што се инсталирани соодветни печки, и од сите овие проекти само за електрична енергија градинката штеди 40% од средствата, рече Јовевска.
 
Инаку, Општина Пехчево преку проекти од разни донатори и од сопствени средства во проектите за енергетска ефикасност има инвестирано околу 150 илјади америкаснки долари. Општината е вклучена во пилот прокетот на Светската банка за енергетска ефикасност заедно со уште осум општини од земјава.