Македонија
1. March 2021 - 17:01

Оваа недела одлука - Ќе има ли нови рестрикции?

Дали ќе има нови рестриктивни мерки поради ширењето на британскиот сој на коронавирусот во земјава ќе се знае до петок. Заменик министерот за здравство вели дека епидемиолозите побарале уште неколку дена за да ги анализираат бројките на новозаразени и хоспитализирани пред да дадат било каква препорака.

-Дали значи дека веќе тргнаме кон нагорница на некој нов бран или е некој нов мини бран како последивца на непочитување на постоечките мерки. До тогаш мора да ги почитуваме овие мерки до следната одлука. Лично за мене стегањето на мерките повеќе од ова што го имаме е проблем и треба да биде многу оправдано со сериозни бројки кои укажуваат дека се зголемува, рече заменик министерот за здравство д-р Илир Хасани.

Инаку последните неколку дена бројот на хоспитализирани во болниците низ државата поради компликации од Ковид се движи околу 420 пациенти, а пред две недели имаше 100-тина помалку.

Според министерството за здравство анализите покажале дека дури 70 проценти од новите случаи се заразиле со британската варијанта на вирусот, која и побргу се шири. Јужноафриканскиот сој пак кој се смета за поопасен сè уште не е детектиран во нашата земја.