Македонија
26. May 2024 - 16:34

Откупувачите бараат 26 000 тони тутун, лани имаше само 15 000 - Колку ќе тежи реколтата за 2024?

Откупувачите на тутун годинава склучија околу 30.000 договори со тутунарите за 26,5 милиони килограми на тутун. За разлика од лани бројот на склучени договори е намален незначително, но мора да се потенцира тоа дека иако и лани се очекуваше производство од околу 26.000 тони на тутун, се откупија само 15.000 тони. Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат Јане Станкоски, годинава временските услови биле добри за тутунопроизводството и се очекувало побогат род.

„Сметам дека како што кажав претходно климатските услови кои ги имаме оваа година се многу поволни за тутунопроизводството, лани беше преполовено, но нивите беа насадени, луѓето го произведија расадот, но стануваше збор за намалено производство по декар“, вели Јане Станкоски, директорот на Државниот земјоделски инспекторат.

Но исто како и за ланската реколта така и за годинешната, иако се покажа одредена волја и се започнаа првични чекори за промена на законот за тутун до истото не дојде. Според Станкоски доколку се донесат некои измени истите може да се додат со анекси на веќе склучените договори.

„Останува периодот тоа да се продолжи, никогаш не е касно да се направи тоа. Доколку дојде до промена на законот за тутун, има време и за тоа. Ќе се конституира парламентот, ако се договорат засегнатите страни за нови членови во законот за тутун, со анекси може да се променат договорите и текот на откупот на тутун“, кажа Станкоски.

Инаку тутунот од ланската реколта се откупи по просечна цена од 365 денари за килограм и скоро целиот беше откупен во прва класа. Субвенциите за секоја класа беа покачени за 20 денари и субвенцијата за прва класа изнесуваше 100 денари по килограм. Како годинава ќе се одвива откупот и дали тутунарите ќе бидат задоволни ќе покаже периодот кој следува.