Македонија
28. September 2025 - 16:41

Осветен храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје

Почнат со изградба пред повеќе од една деценија, денеска осветен храмот во Скопје, посветен на светите цар Константин и царица Елена.

Со ѕвонење на камбаната во 8.30 часот пред бројни верници, започна церемонијата. Осветувањето го вршеше архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со бројни архијереи од МПЦ.

Архиепископот г.г.Стефан кажа дека најубавиот храм е оној којшто е полн со верници.

На осветувањето утринава беа присутни голем број верници, внатре, но и пред црквата. Тие велат дека за нив ова значи свечен чин и нешто кое недостасувало во центарот на градот.

На осветувањето беа присутни премиерот, министри од владата, лидерот на СДСМ и претставници на дипломатскиот кор.

Изградбата на храмот почна во 2012 година и траеше 13 години. Работите беа интензивирани лани со што се комплетираа внатрешното уредување, надворешноста и околниот простор.

Храмот низ годините постепено добиваше свој облик. Првично беше дел од проектот Скопје 2014, чија изградба се планираше да биде на Плоштад Македонија. Но сепак денеска локацијата на православниот храм е на улица Македонија.